10 причини зошто ви е потребен персонален фитнес тренер

Знам дека ќе ви звучи апсурдно – персонален фитнес тренер да ви каже зошто ви е потребен персонален фитнес тренер 🙂 Но, не заборавајте дека сите сме биле почетници некогаш, и најискусните некогаш не знаеле како до сопствената цел. Почнувајќи од моите искуства, па сè до искуствата на моите клиенти, ви гарантирам дека вежбањето со персонален тренер е една од најдобрите инвестиции кои некогаш ќе ги направите.

Предрасудите за оваа професија одат во крајности – од големи, лути луѓе кои ви врескаат во лице додека се онесвестувате од мака, до суетни, навежбани егоисти кои се тука само за да го подобрат вашиот имиџ во јавноста, затоа што „не може секој да вежба со персонален тренер“. Да расчистиме веднаш – ништо од ова не е точно, т.е. не би требало да биде ако зборуваме за тренери кои веруваат во тоа што го работат. Тренери чија цел е да ви помогнат да направите промени во начинот на живот и да го извадите најдоброто од себе, на најбрз и најефикасен начин.

персонален фитнес тренер 2

Добриот персонален фитнес тренер секако ќе биде строг или полн со разбирање, или нешто измеѓу, по потреба. Ќе знае да ви ги образложи советите кои ви ги дава. Но, најважно од сè – ќе ви биде поддршка и мотивација. Штом ќе ги препознаете овие особини, не размислувајте, најмете го вашиот персонален фитнес тренер затоа што тој:

1. Ќе ви помогне да поставите реални цели

Со донесувањето на одлуката да почнете сериозно да вежбате често доаѓа и оптимистичкото размислување од типот „топ форма за 30 дена“, по што неизбежно следи разочарување кое води кон комплетно откажување. Персоналниот тренер ќе ја евалуира вашата моментална состојба и можноста за прогрес, по што ќе ви помогне да поставите реални, остварливи, краткорочни цели кои ќе ве мотивираат да напредувате.

2. Ќе креира тренинг програма за вас

Врз база на вашите цели, предности и недостатоци, вашиот персонален фитнес тренер ќе креира тренинг програма која е соодветна за вас, и ќе ја модифицира во согласност со вашиот прогрес, што ќе ви донесе многу подобри резултати од следењето на генерални совети за вежбање.

3. Ќе ве едуцира

Едукацијата е од голема важност во фитнесот. За да го подобрите изгледот и функционирањето на вашето тело, мора да знаете што му се случува со секоја активност што ја превземате. Само на тој начин ќе практикувате соодветни вежби на правилен начин со што ќе вежбате поефикасно и ќе избегнете ризик од повреди.

4. Ќе ве мотивира

Мотивацијата е најважна во фитнесот, а за жал често се случува да потфрли од многу причини кога вежбате сами. Вашиот персонален фитнес тренер ќе ги препознае ваквите моменти и веднаш ќе ви помогне да се вратите во нормала. Понекогаш и самото присуство на тренерот ќе ви ја врати мотивацијата заради тоа што ќе сакате да му покажете дека се подобрувате и дека вашето и неговото време не се залудно потрошени.

персонален фитнес тренер 3

5. Ќе биде ваш неофицијален терапевт

Иако е ова можеби една од најтешките улоги на персоналниот тренер, тој мора низ разговор да ја процени вашата моментална психофизичка состојба за да може да ве мотивира и да ве води низ тренингот. Треба да знае дали и колкави стресови сте имале дента, бидејќи тоа влијае на вашето расположение, исхраната, и подготвеноста да се соочите со нови предизвици. Тоа не значи дека треба да ги знае сите детали од вашиот живот, но пожелно е да знае дали сте уморни, лути, тажни, или добро расположени.

6. Ќе ви води евиденција за редовност

Кога вежбате сами, лесно ќе потпаднете под искушение да прескокнете по некој тренинг и за тоа не мора никој да знае. Но, кога имате персонален фитнес тренер, тој ја следи вашата редовност и реагира штом ќе забележи тенденција за отстапување од распоредот кој сте го поставиле.

7. Ќе се грижи за ефикасноста на тренинзите

Вашиот тренер сака да види резултати од заедничкиот труд и затоа ќе се стреми кон што е можно поефикасни тренинзи. Заборавете на долгите разговори, сликањето и користењето на социјални медиуми во теретана кои можеби сте ги правеле кога сте вежбале сами. Персоналниот тренер ќе се погрижи да ја искористите секоја минута од вашето присуство во правец на остварување на вашите фитнес цели.

8. Ќе ви обезбеди разновидност

Следењето на една тренинг програма може да ви здосади, а и ќе изгуби од ефикасноста ако ја практикувате премногу долго бидејќи телото ќе се навикне на рутината. Со цел да обезбеди континуиран прогрес вашиот тренер ќе прави измени во видовите на вежби, нивната изведба и распоред, што ќе го задржи вашиот фокус и интерес за време на тренингот.

персонален фитнес тренер 4

9. Ќе го направи тренингот позабавен

Да, вежбањето со персонален фитнес тренер е забавно! Секогаш имате до вас пријател со кој можете да зборувате помеѓу вежби и серии, некој кој искрено се радува со вас на секој нов успех и нема да дозволи да се обесхрабрувате од малите порази во борбата со себе и железните шипки.

10. Ќе ви помогне да го подобрите целокупниот стил на живот

Фитнесот е многу повеќе од неколку часа неделно поминати во теретана. Тој подразбира посветеност на грижата за себе, отфрлање на штетните навики, здрава исхрана и квалитетен сон. Самото најмување на персонален фитнес тренер не ви гарантира максимум резултати ако не сте подготвени да направите позитивни промени за себе, во што вашиот тренер континуирано ќе ве поттикнува бидејќи вашата цел е и негова цел.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *