3 причини зошто вашата тренинг програма не дава резултати

Пронаоѓањето на соодветна тренинг програма е голем предизвик ако го правите тоа сами. Ќе ви треба време, трпение и многу експериментирање за да дојдете до конечното решение што ќе ви ги даде резултатите што ги сакате. Ако сметате дека трудот што го вложувате не го дава бараниот исход, проверете дали правите некоја од овие 3 грешки.

1. Го мерите успехот на тренингот според болката

Иако е прилично непријатно искуство, сме научиле да ја перцепираме мускулната болка како знак дека сме имале добар тренинг. И ова е до некаде точно, но не е цврсто правило што треба да ве води. Ако чувствувате болка тоа не значи дека сте го дале најдоброто од себе, ниту пак обратното – ако не чувствувате болка не значи дека сте имале слаб тренинг.

Прогресот можете да го мерите на многу други начини – тежините со коишто вежбате, бројот на серии, повторувања, времето што ви е потребно за опоравување помеѓу серии, формата на изведување на вежбите, обемот на одредени делови на телото на кои сакате да видите промена… Не го форсирајте телото секој пат до болка. Секако треба да ги поместувате границите во вашата тренинг програма за да напредувате, но болката не треба да биде основната мерка за успех.

тренинг програма - мускулна болка

2. Нема простор за опоравување во вашата тренинг програма

„Ако не гледаш прогрес, само појачај го тренингот“ – верувам дека до сега сте наишле на ваков совет. Да го зголемите волуменот на тренинзите (сериите и повторувањата), неговиот интензитет, да ги скратите паузите помеѓу сериите, да вежбате почесто. Промените во тренинг програмата функционираат и даваат резултати, само под еден услов – ако му оставате време на телото да се опорави.

Опоравувањето е многу поважно од волуменот на тренинзите. Односно, колку се поинтензивни вашите тренинзи толку повеќе треба да се фокусирате на опоравувањето. Колку и да се чувствувате силни, ако не внимавате на исхраната, на тоа кога и колку часа спиете, нема да видите посебно добри резултати. Дури и кога вашиот pre-workout ќе ве убеди дека можете да продолжите со тоа темпо, само е прашање на време кога телото ќе ви го покаже спротивното.

3. Ја креирате тренинг програмата според советите од познатите

Денес сме преплавени со совети базирани на тренинг програмите од познатите фитнес модели, глумци, спортисти… Од резултатите што ги гледате на нив логично е да се заклучи дека функционираат. Но, фитнес математиката не е така едноставна. Во равенката за успех учествуваат многу фактори – пол, возраст, телесна градба, исхрана, навики, начин на живот.

Ако не се советувате со тренер кој знае да ги вклопи сите овие фактори, ќе ви биде потребно време за истражување и испробување за да можете сами да составите тренинг програма што ќе ви даде резултати. Читајте, советувајте се, но не ги земајте конкретните насоки како конечни за вас. Мерете ги резултатите од секој нов експеримент што ќе го вклучите во тренингот и слушајте ги знаците што ви ги дава телото.

тренинг програма - индивидуални фактори

Share Button

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *