ПсихоФит: 6 совети од спортските психолози за подобри резултати

Како и во секој друг спорт, психологијата игра огромна улога во фитнесот, бидејќи покрај физичките напори вежбањето во теретана носи предизвици за кои е потребна ментална сила. Иако спортската психологија е комплексна тема, има неколку генерални совети кои можат многу да ви помогнат да ја задржите мотивацијата и да остварите подобри резултати.

Дури и кога сте во одлична физичка форма, многу лесно можете да наидете на психолошки пречки кои ќе ја намалат вашата мотивација и ќе ги нарушат резултатите од сè што сте правеле до сега. Кога професионалните спортисти се соочуваат со вакви пречки, бараат помош од спортските психолози. Еве што предлагаат тие:

1. Прифатете ги падовите

Без да се соочите со пораз не можете да научите ништо ново, а ако не учите ништо ново не можете да напредувате. Затоа морате да ги прифатите падовите како составен дел од патот кон успехот.

2. Натпреварувајте се со себе

Многу е важно да одолеете на искушението да се натпреварувате со луѓето околу вас. Секогаш ќе има некој во ваша близина кој постигнува подобри резултати и некој кој има послаби резултати од вас. Со кого и да одлучите да се споредувате тоа нема да ви помогне да останете мотивирани. Натпреварувајте се единствено со себе и со сопствените резултати.

3. Зацртајте цел која ќе ве мотивира

За да останете истрајни во фитнесот морате да најдете причина за тоа која ќе ве исполнува на ментално и емоционално ниво. За професионалните спортисти тоа се натпреварите, за кои некогаш се подготвуваат со години. Ако сте фитнес ентузијаст и не планирате учество на натпревар, ќе морате да си зацртате јасна цел која ќе ја одржува вашата мотивација – да ја постигнете вашата најдобра форма, да намалите телесна тежина, или да го подобрите вашето здравје.

4. Правете ментални подготовки за тренингот

Тенисерите го визуелизираат перфектното сервирање, фудбалерите перфектното шутирање. За секоја активност која што вклучува физичко движење од голема помош е умствената подготовка за тоа движење. Замислете ги движењата што ве очекуваат на следниот тренинг толку детално што ќе почувствувате дека ги правите во моментот. За кратко ќе посакате да се најдете во теретана и вистински да го доживеете она што сте го визуелизирале во вашиот ум.

5. Останете сконцентрирани

За време на тренингот вашата концентрација може многу лесно да биде нарушена од најразлични фактори – луѓето околу вас, музиката, времето, или пак размислувањата за минатото или она што го очекувате од себе во иднина. Наместо да се фокусирате на ваквите фактори кои не можете да ги промените, задржете го вниманието на она што го правите во моментот. Следете ги сопствените движења, дишењето, отчукувањата на срцето, мускулните контракции. Стремете се кон совршена хармонија помеѓу вашиот ум и телото, така вистински ќе уживате во тренингот и неизбежно ќе постигнете подобри резултати.

6. Изборете се против стагнирањето

Стагнирањето, односно моментот кога ќе постигнете одредени фитнес резултати и не можете да напредувате, е многу нормално, но секако ќе влијае на вашиот ентузијазам да продолжите. Направете мали промени во вашите навики, во тренинг програмата и исхраната, и почнете да ги забележувате и најмалите успеси што ќе ги постигнете. Пофалете се себеси за секое дополнително повторување или тежина со која вежбате, сè она што покажува дека сте постигнале подобри резултати од оние што сте ги очекувале од себе.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *