Како да останете доследни на вашиот режим на исхрана?

Ако сте пробале да внимавате на исхраната во турбо работни денови во кои можете да одвоите само неколку минути за оброк, знаете колку е тешка оваа задача. А ако планирате да почнете со фит режим на исхрана од понеделник најдобро би било на време да се заштитите од фрустрацијата која доаѓа со неможноста да се придржувате кон тоа што сте го наумиле.

Во што е тајната?

Не е тајна, но колку често и да зборуваме за тоа брзо го забораваме: подготвувајте ги оброците однапред! Воопшто не е лесно да се придржувате кон здрав режим на исхрана кога поголемиот дел од денот го поминувате надвор од дома. Секој пат ќе има ситуации во кои ќе дојдете до степен на прегладнување, а тогаш се најголеми шансите да влезете во првата сендвичара или да се одлучите за брза ужина која е далеку од посакувана за вашите фитнес цели.

режим на исхрана

5 совети за подготовка на храна од вашиот режим на исхрана

Искористете малку од слободното време за време на викендот или од вечерните часови пред да си легнете и подгответе што е можно повеќе оброци и ужини за следните денови. Можеби ви звучи како уште една обврска во купот, но всушност ќе заштедите многу време со подготовка на неколку различни оброци со едно влегување во кујна.  

1. Спремајте оброци со слична храна

Испланирајте го вашето мени пред да одите во продавница. Обидете се да смислите што е можно повеќе варијации со еден вид храна. Ова не значи да јадете еднолична храна, туку да бирате исти извори на протеини, јаглехидрати и ист зеленчук во повеќе рецепти. Така ќе си ја олесните подготовката на храната и ќе избегнете остатоци кои можеби ќе треба да ги фрлите.  

2. Експериментирајте со вкусови

Не правете грешка со подготовка на идентични оброци за да заштедите на време, затоа што брзо ќе ви здосадат и пак ќе се доближите до ризикот да изедете нешто што е надвор од вашиот режим на исхрана. Користете различни зачини и начини на подготовка на храната. Ако немате инспирација пробајте да подготвите здрави алтернативи на „лошата“ храна што ја сакате – бургери, пици, тестенини, десерти, со заменување на состојките што ги користите. Со сите рецепти кои се достапни на интернет ова воопшто нема да ви биде тешко.

режим на исхрана - подготовка на храна

3. Следете ги препораките за макронутриенти

За да бидете сигурни дека нема да се „заиграте“ со готвењето и да избегате од границите на режимот на исхрана, создадете навика да ги мерите макронутриентите. Ако целта ви е да зголемите мускулна маса, трудете се во секој оброк да вклучите околу 40% протеини, 35% јаглехидрати и 25% масти. Ако сакате да се ослободите од вишокот масти, би требало да целите кон 45% протеини, 35% јаглехидрати и 20% масти. Кога зборувам за јаглехидрати мислам на оние здравите што ги содржи зеленчукот, овошјето и житарките.

4. Планирајте храна и за во замрзнувачот

Колку и да се трудиме да бидеме организирани и да го следиме планот што сме го зацртале, секогаш ќе искрснуваат непланирани обврски. Затоа е добро да имате неколку оброци спремни во замрзнувачот кои ќе треба само да ги згреете. Ако не можете или не сакате да јадете замрзната храна, чувајте барем протеински барови во фрижидерот кои ќе ви дадат енергија и ве задржат сити до оброкот.

режим на исхрана - оброци

5. Земете го во предвид распоредот на обврски

Колку и да ви е непредвидлив денот, до некој степен можете да ги предвидите можните закани по вашиот режим на исхрана и да ги избегнете. Ако знаете дека ве очекуваат многу состаноци или повеќе време надвор отколку дома или на работа, подгответе храна што нема да има потреба да ја греете пред да ја јадете, или пак спакувајте повеќе здрави ужини кои ќе можете да ги јадете додека сте во движење.

Придржувањето кон исхраната што ќе ве донесе до вашата фитнес цел е многу полесно отколку што изгледа, ви гарантирам! 🙂

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *