ПсихоФит: Како фитнесот ја подобрува вашата продуктивност?

Ако мислите дека сте премногу зафатени и немате време за вежбање, размислете уште еднаш. Сетете се на сите успешни бизнисмени кои физичката активност ја ставаат на листата на приоритети во денот. Тие тврдат дека вежбањето им помага да ја подобрат нивната продуктивност и ефикасност, па зошто мислите дека не би ви помогнало на вас? Ако не верувате во нивните тврдења, потпрете се на доказите на науката.

Ги чува мозочните клетки

Освен физичкиот изглед, силата и кондицијата, вежбањето е неизоставен дел од животот на продуктивните луѓе и заради неговата моќ да го подобри умствениот капацитет. Истражувањата покажуваат дека редовната физичка активност спречува појава на дегенерација на мозочните клетки и поттикнува создавање на нови преку процесот наречен неврогенеза. Затоа, кога имате најмногу работа и обврски најдобар начин да ги подобрите мозочните функции и вашата продуктивност е да одвоите малку време за тренинг.  

Ја зголемува енергијата

Наспроти верувањето дека по тренингот ќе се чувствувате исцрпено и летаргично, науката тврди дека телесните клетки создаваат повеќе енергија. Како? Благодарение на создавањето на аденозин трифосфат (АТФ), мала молекула која транспортира енергија помеѓу клетките. Зголеменото ниво на АТФ обезбедува повеќе енергија и за мозокот, со што го зголемува умствениот капацитет. За време на физичката активност вашето тело исто така го зголемува дотокот на крв во мозокот, што ги избиструва вашите мисли и со тоа ви помага побрзо и полесно да ги извршувате обврските.

повеќе енергија - поголема продуктивност    

Спречува појава на болести

И најмалата настинка може сериозно да ја наруши вашата продуктивност. Сите физички и умствени процеси се успорени бидејќи телото е насочено кон справување со вируси или бактерии. За да го постигнете максимумот од вашиот потенцијал во извршување на секојдневните активности треба да се одржувате во добро здравје, а фитнесот ќе ви помогне да го постигнете тоа. Освен тоа што ве одржува физички активни, вашиот фитнес план ве поттикнува да се храните здраво и да се одмарате квалитетно.

Ве прави посреќни

Науката покажува дека позитивните ефекти од вежбањето врз вашиот ум се активираат веднаш. Телото лачи неколку невротрансмитери, кои помагаат во намалување на стресот и одржување на позитивна состојба на умот. Еден од нив е серотонинот кој го зголемува чувството на среќа, и со тоа ви помага да се справите со обврските и предизвиците во денот, што повторно резултира со поголема продуктивност.  

со фитнес до поголема продуктивност 

Освен подобра продуктивност, фитнесот носи уште многу придобивки – подобрен изглед, самодоверба, мобилност, кондиција, имунитет и целокупно подобро функционирање на телото и умот. Затоа секогаш кога ќе помислите дека сте пемногу зафатени или уморни за тренинг, потсетете се дека нема да згрешите ако вложите уште само малку енергија. Ќе излезете од таму ослободени од стрес, со почист ум, подготвени да донесувате побрзи и подобри одлуки кои ќе ви помогнат успешно да ги завршите сите останати обврски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *