ПсихоФит: 7 едноставни начини да ја подобрите вашата мотивација

Одлуката да почнете со здрава исхрана и вежбање е тешка, но доследноста во вашиот фитнес план знае да биде уште потешка. Во овој период од годината сите имаат желба за позитивни промени – доаѓа време за плажа, тука се и сите настани каде што сакаме да изгледаме добро, но сето тоа брзо поминува. Проблемот се појавува кога немаме датум кој го очекуваме, а нѝ треба мотивација да останеме на патот по кој сме тргнале. Затоа ќе споделам со вас неколку едноставни совети кои ќе ви помогнат да ги пребродите овие „кризи“.

1. Заборавете на изговорот „генетика“

Истражувањата покажуваат дека тенденцијата на задржување вишок телесни масти е делумно генетски предодредена, како што е и телесната градба. Но, исто така покажуваат дека оние кои ја земаат оваа информација здраво за готово многу брзо се откажуваат од фитнесот, или воопшто не се ни обидуваат да ја подобрат својата форма. Наместо да се фокусирате на причините зошто не можете да ја имате формата што ја посакувате, информирајте се за начините на кои исхраната и тренинзите според вашата телесна градба можат да ви помогнат да направите промени.

2. Поставете си јасни цели

Не постои подобра мотивација од онаа кога ќе видите резултати од вашите напори. А за да имате видливи резултати од вежбањето, ќе треба да си поставите цели според кои ќе го мерите прогресот. Без разлика дали вашата крајна цел е намалување на телесната тежина, обемот на половината или зголемување на мускулната маса, насочете ги вашите тренинзи кон тоа и редовно мерете ги промените. На тој начин секој следен оброк и тренинг ќе ви бидат проект за доближување кон крајната цел.

Интересно:  10 причини зошто ви е потребен персонален фитнес тренер

3. Фокусирајте се на она што го сакате во врска со вашето тело

Најверојатно сте ја сретнале мотивациската порака „Вежбај затоа што го сакаш твоето тело, не заради тоа што го мразиш“. Зад оваа порака стојат психолошки истражувања кои покажуваат дека оние кои имаат позитивен став за својот изглед имаат поголема желба и мотивација за истрајност во нивниот фитнес план. Штом ќе го дефинирате планот за тренинг и исхрана, нека ве води мотивот да се чувствувате подобро и поздраво, а телесните промени ќе дојдат сами по себе.

4. Наградувајте се за секој постигнат успех

Определете си награди за секој успех што ќе го постигнете. Наградите треба да вклучуваат нешто што навистина многу го сакате, а нема да го наруши вашиот фитнес план. Невролозите тврдат дека ако редовно после секој тренинг се „частите“ со одење на вашето омилено место, гледате епизода од вашата омилена серија и слично, ќе поставите позитивна психолошка асоцијација која ќе ве мотивира да не го прескокнувате вежбањето. Со тек на време ова ќе стане навика и вашиот мозок ќе го перцепира самото вежбање како награда.

5. Најдете разбирање за себе кога ќе се уморите

Прифатете го фактот дека не можете на секој тренинг да го извадите најдоброто од себе. Кога подолго време го давате максимумот нормално е вашето тело да се измори. Наместо да се разочарувате, посветете се на опоравувањето за да можете побрзо да се вратите на тренинг во полна сила. Имајте на ум дека интензитетот на тренингот не секогаш е поврзан со прогресот кој го постигнувате.

Интересно:  ПсихоФит: 6 совети од спортските психолози за подобри резултати

6. Обезбедете си поддршка

Вежбањето со некој кој ве поддржува во постигнувањето на вашите цели е одлична мотивација, особено ако е на исто или повисоко фитнес ниво од вас. Вежбајте со партнер, пријател, или со персонален тренер кој истовремено ќе ве мотивира и ќе ви помогне со практични совети да остварите видлив прогрес побрзо и полесно.

7. Уживајте во процесот

Сè додека на вежбањето гледате како на време од денот во кое се мачите, ризикувате да ја загубите вашата мотивација и да се откажете. Наместо тоа, направете тренингот да биде време во кое ќе уживате. Купете ја опремата што ви се допаѓа, направете листа од вашата омилена музика и слушајте ја за време на тренингот, фокусирајте се на ефектите кои секоја вежба ги има на вашето тело и сетете се на она убаво чувство кое доаѓа по вежбањето.

Share Button

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *