ПсихоФит: 6 видови на мотивација кои ќе ве донесат до целта

Секој од нас се мотивира на различен начин, свесно или несвесно, а психолозите ги групираат овие начини во 6 видови на мотивација. Ако сакаме да си помогнеме во остварувањето на поставените цели во фитнесот и во животот воопшто, мораме да дефинираме кој вид на мотивација најдобро функционира за нас.

Кој вид на мотивација најмногу ви одговара?

Читајќи ги различните видови мотивација може да откриете дека се пронаоѓате во повеќе од еден. И тоа е одлично, бидејќи значи дека можете да користите различни техники за да го постигнете ентузијазмот што ви е потребен за да се изборите со сите предизвици на вашето фитнес патување.    

1. Мотивација од достигнување

Луѓето кои се мотивираат од достигнување се стремат кон подобрување на нивните вештини и способности, како и кон докажување на нивната компетентност пред себе и пред другите. Ова може да се манифестира преку желба за лично чувство на достигнување или преку очекување позитивен фидбек од околината. Ако ова ве мотивира, поставете ги вашите цели во контекст на достигнување – конкретна телесна тежина, мускулна маса, издржливост во однос на време и сила, и слично. Штом ќе ги поставите целите, редовно правете фотографии или друг вид на записи кои ќе ви покажат точно како се менувате низ времето, а тоа ќе ве мотивира за уште поголем прогрес.

мотивација од достигнување

 

2. Мотивација од личен развој

Желбата за лична промена и развој е одлична мотивација. Со промените во вашиот стил на живот ќе забележите промени во вашето здравје и изглед, и ќе откриете еден сосема нов идентитет во себе. За да ја поттикнете оваа мотивација потребно е да почнете да се идентификувате себеси со личноста кон која што се стремите да станете. На тој начин со секој нареден ден сѐ повеќе ќе станувате она што сакате да бидете. Уште една техника со која можете да го извлечете максимумот од овој вид на мотивирање е да почнете да го доживувате тренингот како време за себе, без прекинувања од околината.   

мотивација од личен развој

 

3. Мотивација од чувство на моќ

Ако ве мотивира чувството на моќ, тоа значи дека сакате да имате контрола над вашиот живот. Во овој случај треба вашата цел да ја поделите на повеќе мали, полесно остварливи цели. На пример, ако сакате да симнете 10 килограми кои сметате дека ви се вишок, поставете си неделни и месечни цели за зголемување на повторувањата или тежините со кои што вежбате и зголемување на интензитетот на кардио вежбите. Наместо да целите кон вежбање секој ден, поставете си пореална цел – да вежбате три пати неделно. На овој начин често ќе се чувствувате како победници и тоа ќе ве мотивира да продолжите понатаму.   

мотивација од чувство на моќ

 

4.  Социјална мотивација

Афирмацијата од луѓето кои нѐ опкружуваат е многу ефективна техника за мотивирање, бидејќи желбата за припадност е заедничка за сите нас, повеќе или помалку. Оние кои наоѓаат поттик во социјалната мотивација црпат сила од афирмациите на другите, но и сакаат да го искористат сопствениот успех за да ги инспирираат другите да ги достигнат своите цели. Ако наоѓате поттик во ваквата мотивација, најдобро е да вежбате со пријател со кој меѓусебно ќе се охрабрувате и натпреварувате, или пак со личен тренер кој константно ќе ве предизвикува кон нови цели.

социјална мотивација

5. Мотивација од страв

Некои луѓе се мотивираат преку стравот од последиците кои би се појавиле доколку не ги исполнат целите кои ги зацртале. Иако овој вид на мотивација може да биде ефективен, тој е и по малку екстремен. Но, ако функционира за вас, тогаш треба да го искористите најдобро што можете. Пријавете се на натпревар, или пак објавете ги вашите фитнес цели на социјалните мрежи. Стравот од јавно разочарување на луѓето кои ве поддржуваат ќе ве поттикне да останете фокусирани на целта. Најмувањето на тренер исто така може да помогне, бидејќи стравот од залудно трошење на вашето и неговото време, и разочарувањето на тренерот доколку не се трудите да ги остварите целите може да ви помогне да останете мотивирани.

мотивација од страв

6. Мотивација преку награди

Овој вид на мотивација функционира речиси за сите. Сознанието дека фитнес прогресот ќе ви обезбеди награда може да ги направи вашите тренинзи многу повозбудливи и забавни. Размислете за работите кои ве прават среќни. Ако е тоа патување, плаќајте си на себе по секој завршен тренинг. Чувајте ги парите на посебно место и штом ќе соберете доволно, наградете се со патувањето кое што го очкувавте. Награда може да биде и излегување на вечера каде што нема да се грижите за калории и нутриенти. Но, не го правете ова повеќе од една во месецот бидејќи можете да си го нарушите прогресот на кој сте работеле толку време.

мотивација од награди

Уште неколку проверени техники за мотивација:

  • Слушајте ја вашата омилена музика додека вежбате – ќе ви даде дополнителен елан.
  • Спијте квалитетно – недостатокот од квалитетен сон ќе ве натера да јадете повеќе за да ја надокнадите енергијата што ви недостасува, или пак да ги прескокнувате тренинзите заради умор.
  • Бидете трпеливи – конзистентноста е најважна во фитнесот, ветете си дека ќе се придржувате кон вашата фитнес програма минимум 3-4 месеци пред да донесете заклучок за тоа како напредувате.
  • Не се обидувајте да правите многу драстични промени наеднаш – избирајте да работите на една нова здрава навика неделно.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *