Најчести грешки што го успоруваат процесот на слабеење

Вежбате редовно и следите режим на исхрана а немате видливи резултати во процесот на слабеење? Постојат повеќе можни причини за тоа, но најчесто можете да ги најдете помеѓу следните 6.

Не ги броите течните калории

Често забораваме дека пијалоците што ги внесуваме во текот на денот можат да бидат полни со калории. Можете да следите ригорозен режим и да внимавате на храната, но ако пиете вештачки засладени сокови, кафе со многу млеко и алкохол често, нема да видите големи промени.

Алкохолот, газираните и енергетските пијалоци се најголемите препреки што ви го кочат процесот на слабеење. Секогаш проверувајте го составот на пијалоците и не заборавајте да ги внесете калориите во вашите пресметки. Во ситуациите кога не сте сигурни, пијте вода.

процес на слабеење - алкохол

Исклучувате клучни нутриенти од исхраната

Диетите што нудат брзи резултати често се базирани на потполно исклучување на цела група на храна. Најчесто се исклучуваат јаглехидрати, масти или шеќери. Првиот проблем со ваквата стратегија за слабеење е што не е одржлива на долг рок. Вториот проблем е што го лишувате телото од извори на енергија што му се потребни за правилна функција.

Потребна ви е балансирана исхрана што вклучува протеини, јаглехидрати и масти. Погледнете ги навиките на искусните вежбачи и ќе се уверите дека е така. Единствено треба да внимавате во кој сооднос ги внесувате и од какви извори. Кога на телото ќе му ги дадете сите клучни нутриенти во рамките на дневниот внес на калории ќе обезбедите правилни телесни функции и ќе го поттикнете процесот на слабеење, односно согорување на вишокот масти.

Гладувате за да го забрзате процесот на слабеење

Општата заблуда е дека колку помалку јадете толку повеќе ќе намалите од вишокот килограми. Вистината е можете да се чувствувате сити од редовни оброци и ужини во рамките на препорачаниот калориски внес. Со гладување само му скратувате енергија на телото за вежбање и со тоа го поттикнувате да складира калории.

Ако јадете редовно и внимавате на калорискиот внес, лесно ќе ја претворите диетата во здрав начин на живот што ќе можете да го практикувате на долг рок. За кризните ситуации помеѓу оброците носете со себе здрави ужини што ќе ви помогнат даго контролирате апетитот.

процес на слабеење - гладување

Јадете нискокалорична, но нутритивно сиромашна храна

Свеста за придобивките од здравиот начин на живот сè повеќе расте, а со неа и индустријата за производство на „здрава храна“ – наводниците се тука заради големиот број на производи што се рекламираат како такви, а се далеку од здрави. Меѓу нив има многу процесирана нискокалорична храна која нема да ве засити и нема да обезбеди нутриенти за вашиот организам.

Бидете внимателни при купувањето и следете ги состојкитешто ги внесувате. Ако сакате да бидете сигурни дека ги внесувате потребните нутриенти држете се до што е можно посвежа и помалку процесирана храна што ќе ја подготвите дома. Ќе забележите дека нападите на глад ќе се намалат и ќе се чувствувате многу подобро после оброците.

Не вклучувате кардио вежби во тренингот

Ретко кој ужива во кардио вежбите во фитнес центрите. Иако вежбите со тежини помагаат во градењето на чиста мускулна маса која потоа му помага на телото ефективно да ги троши залихите на масти, ако ги комбинирате со кардио вежби ќе имате многу подобри резултати.

Кога ќе се спомне кардио, најверојатно прво помислувате на траката за трчање, но постојат многу други начини на кои можете да го поттикнете трошењето на вишокот масти. Пливање, возење велосипед, тенис, фудбал, кошарка… изберете активност во којашто уживате и додајте аспект на забава во вашиот проект за слабеење.

процес на слабеење - кардио

Не обрнувате внимание на ситните калории

Едно залче торта, една рака чипс, едно мало чоколатце, една лажичка шеќер… Сите овие ситници додаваат на финалната бројка внесени калории во текот на денот. Ако го следите калорискиот внес не заборавајте да ги вклучите сите вакви ситници во вашите пресметки. На тој начин ќе утврдите точно од каде доаѓа вишокот што ве спречува да ги остварите вашите цели.

Share Button

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *