Мускулна маса: Зошто жените не можат да изградат „билдерско“ тело

Стравот од зголемувањето на мускулна маса до степен којшто го постигнуваат мажите спречува многу жени да ги искористат предностите на вежбањето со тежини. Иако жените во бодибилдингот покажуваат дека тоа не е невозможно, мора да знаете дека воопшто не е лесно, дури и кога таквиот изглед е ваша цел.

Мускулна маса кај жените

Мажите и жените се структурно слични, но сепак постојат многу физиолошки разлики помеѓу нив коишто влијаат на способноста на нивните тела да градат мускулна маса.

мускулна маса - хормони

Хормони

Најголемиот фактор што ги спречува жените да изградат „билдерска“ мускулна маса како мажите се хормоните. Еден од андрогените хормони што е задолжен за регулирање на анаболизмот во телото е тестостеронот. Тој влијае на машките карактеристики како што се длабок глас, повеќе влакна (особено на лицето), и зголемена мускулна маса. Заради хормонален баланс, и машкото и женското тело лачат тестостерон, но мажите имаат драстично повисоки нивоа на овој хормон во крвта од жените.

Сепак, способноста за градење на мускулна маса не е дефинирана според вкупното ниво на тестостерон, бидејќи поголемиот дел од него се поврзува со секс хормон-врзувачки глобулин (SHBG) или со други протеини како што е албуминот.

На мускулната маса влијае слободниот тестостерон. Нормалните нивоа на слободен тестостерон кај мажите изнесуваат 270-1100 ng/dl, додека кај жените 6-86 ng/dl. Женскиот еквивалент на тестостерон е естрогенот, но тој освен што го зголемува хормонот на раст (GH), ги зголемува и нивоата на кортизол (кој ја намалува мускулната маса) и на SHBG (кој ги намалува нивоата на слободен тестостерон во телото.

Структура на мускулите

Процентот на мускулни влакна од тип I, тип IIa и тип IIб е сличен кај мажите и кај жените, но пресекот на мускулите е различен, т.е. помал кај жените за 20-40%, што резултира со помала мускулна маса.

Влијание на тежинските тренинзи врз хормоните

Истражувањата покажуваат дека вежбањето со тежини значително го зголемува вкупниот тестостерон кај мажите, што не е случај за жените. Забележано е зголемување на слободниот тестостерон кај жените до 25% по тежинските тренинзи, но тоа не е доволно за мускулна хипертрофија каква што се случува кај мажите бидејќи тој се намалува кога се состојба на мирување. Оттаму, заклучокот е дека други анаболички хормони (како хормонот на раст) влијаат на хипертрофијата кај жените.

мускулна маса кај жените

Улогата на исхраната во градење на мускулна маса

Исхраната е многу важна компонента во процесот на градење мускулна маса, бидејќи е потребно внесување на повеќе калории за градба на мускулите. Жените се во суштина помали поградба од мажите и јадат помалку. Но, дури и да јадат колку што јадат мажите во процесот на зголемување на мускулната маса, нивното тело ќе складира повеќе телесни масти заедно со мускулната хипертрофија.

Тогаш како гледаме жени на бодибилдинг натпревари?

За да може жена да изгради мускулна маса како маж не е доволно само да тренира со тежини. За тоа е потребна комбинација од многу чести и интензивни тренинзи, исхрана насочена кон градење на мускулна маса, и додатоци кои значително ги покачуваат нивоата на тестостерон. Ако не го правите ова, можете да вежбате со колкави сакате тежини и нема ниту да се доближите до машкиот „билдерски“ изглед.

мускулна маса - тежински тренинзи

Share Button

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *