Најчести митови за согорувањето калории

Дали кардио вежбите се најдобри за согорување калории, дали сексот може да ви замени тренинг, дали постојат „негативни калории“… Тука ќе ја најдете вистината што се крие зад некои од најголемите митови поврзани со калориите, оние кои можеби ве спречуваат да ги видите на вагата цифрите што ги посакувате.

1. За време на сексуалниот чин се троши огромна количина на калории

Ако пред или после активна ноќ сте размислувале дали воопшто има потреба да одите на тренинг мислејќи дека сте ги потрошиле калориите што ви беа вишок, сте погрешиле. Сексот е супер активност од многу аспекти, но за жал не можете да се потпрете на него во калориската пресметка на крајот од денот. Иако цифрите можат драстично да варираат во зависност од многу фактори, истражувањата велат дека тие се движат во рамките помеѓу 20 и 100 калории. За споредба, со трчање во умерено темпо можете да потрошите помеѓу 200 и 300 калории за 30 минути.

2. Количината на пот е показател за количината потрошени калории

Потта е многу погрешно мерило за успешноста на вашиот тренинг во однос на потрошувачка на калориите. Како и колку се потите зависи од многу фактори кои немаат врска со тренингот, како што се температурата и влажноста на воздухот и фитнес нивото што сте го достигнале. На пример, луѓето кои имаат постигнато повисоко фитнес ниво се потат побрзо заради тоа што нивните телесни системи за разладување се поефикасни, не затоа што потрошиле повеќе калории.

митови за калории 3

3. За согорување на калориите треба да се фокусирате на кардио вежби

Во кардио тренинзите има повеќе движење и потење, па така логиката вика дека тие се најдоброто што можете да го направите за да ги согорите калориите што сте ги консумирале во текот на денот. Но, истражувањата, а и фитнес тренерите можат да ви потврдат дека комбинацијата од тежински и кардио тренинзи е најдобра за намалување на телесната тежина. Градењето на чиста мускулна маса го забрзува метаболизмот и го поттикнува телото да троши повеќе калории во текот на денот, а кардио вежбите ви помагаат да го одржувате кардиоваскуларното здравје и да согорите солидна количина на калории за време на тренингот.

4. Калорија е калорија, сите се исти

Ако вашата стратегија за слабеење се заснова само на калориска математика, големи се шансите дека не сте многу задоволни од резултатите, а сега ќе ви кажам и зошто. Науката покажува дека телото троши 50% повеќе калории по оброк кој се заснова на свежа храна отколку после оброк од процесирана храна. Во текот на производството на процесираната храна нутриентите се разделуваат што ја прави полесна за варење. Од друга страна, свежата храна содржи многу здрави нутриенти за кои на телото му е потребно повеќе време да ги преработи и тоа резултира со забрзан метаболизам. Затоа, 100 од калориите внесени преку чоколадо не се исти што и 100 калории внесени преку моркови, јаболки или тиквички.

5. Постои храна со „негативни калории“

Додека сме на темата трошење калории за време на варењето на храната, да ја расчистиме и дилемата за негативните калории која е доста популарна. Сигурно сте налетале на тврдења дека одредени плодови од групата овошје или зеленчук содржат толку ниска количина на калории што со самото нивно варење во дигестивниот систем се трошат и повеќе од калориите кои се внесени. Ваквите тврдења се многу погрешни, се разбира, инаку слабеењето би било многу полесно за сите нас 🙂 Математиката со целерот на пример, кој често се наоѓа на врвот на ваквите листи, е следна: една китка целер содржи околу 5-6 калории, а телото троши околу 1 калорија за да го преработи.

митови за калории 2

6. Повеќе мали оброци во денот се подобри од неколку обилни оброци

Распределбата на храната во повеќе мали оброци во текот на денот често пати функционира добро за забрзување на метаболизмот, но новите истражувања покажуваат дека ова не е цврсто правило што важи за сите. На Универзитетот во Мисури се пронајдени значително помалку масти во крвта на жени кои јадат 3 пати во рок од 12 часа отколку кај жени кои истата количина на калории ја внесувале поделена на 6 оброци. Затоа, распределете ги оброците како што ви одговара според навиките и начинот на живот, онака како што ви е најлесно да се придржувате кон советите во вашиот режим на исхрана.

Share Button

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *