ПсихоФит: Фитнес – најдобар лек против депресија?

Есента е време кога сите повеќе или помалку патиме од чувство на меланхолија која лесно може да премине во депресија, а тоа е веќе сериозна состојба од која потешко се излегува. Може да му се случи на секој од нас без разлика колку сме успешни и колку богат социјален живот имаме.

Истражувањата покажуваат дека придобивките од фитнесот одат многу подалеку од доброто физичко здравје и изглед – тие можат да ви помогнат да се изборите против психолошките предизвици како што е депресијата. Следат 9 причини заради кои фитнесот е вашиот најдобар пријател во вакви ситуации.

1. Ви помага да се фокусирате

Депресијата води кон недостаток на мотив и концентрација во секојдневните активности, а тоа фрустрира уште повеќе. Се борите и со наједноставните задачи и немате сила и желба да завршите што и да сте започнале, а тоа не е дел од вашиот карактер во нормални услови. Ова е резултат на недостатокот од допамин – невротрансмитерот познат како „молекула на мотивацијата“ кој исто така е задолжен за чувството на среќа, задоволство и еуфорија. Вежбањето докажано ги зголемува нивоата на допамин, па затоа нема да згрешам ако ви кажам дека редовното вежбање е еднакво на редовно чувство на среќа.  

фитнес против депресија - фокус

2. Ја убива анксиозноста

Чувството на анксиозност е чест симптом на депресија. Грижата за сѐ што се случува околу вас и за секој аспект од вашиот живот го држи вашиот ум во работа под „полна пареа“ што ве исцрпува. Кога на тоа ќе го додадете секојдневниот физички замор, резултатот е неизбежен – константно сте уморни и сѐ што сакате е да стигнете побрзо до креветот. Вежбањето бара целосна посветеност со исклучување на сите останати мисли и грижи, со што ве тера да заборавите на анксиозноста и ви дава мотив да ја најдете и искористите силата да се изборите против негативната психолошка состојба.   

3. Ја подобрува вашата продуктивност

Ако сте посветени на работата последното нешто што го сакате е чувството дека не го давате максимумот на работното место, а кога сте депресивни ова е токму тоа што ви се случува. Како е вежбањето поврзано со ова? Вежбањето ве учи да си поставувате цели и да го дадете својот максимум во борбата за нивно остварување, да бидете попродуктивни. Штом ќе почнете ова да го правите во теретана, несвесно ќе почнете да го применувате и надвор од неа, во сите останати аспекти од вашиот живот. А веднаш по првата остварена цел ќе почнете да се чувствувате подобро и ќе заборавите на депресијата.

4. Ви помага да спиете подобро

Кога вашиот ум е оптеретен со грижи, стрес и негативни мисли, многу е тешко да си обезбедите квалитетен сон. А недостатокот од квалитетен сон брзо ќе почне да го нарушува вашето здравје. Освен тоа што ве ослободува од секојдневните грижи, вежбањето ве умара физички, по што на телото му треба сон, а после интензивен тренинг ви гарантирам дека ќе спиете цврсто.

фитнес против депресија - квалитетен сон

5. Ќе почнете да се будите посреќни

Станувањето рано наутро е секогаш тешко, без разлика колку добро сте спиеле, особено во есен и зима. А кога сте депресивни станувањето од кревет е речиси невозможно заради тоа што и по расонувањето немате желба да се соочите со сѐ што носи денот. Но, станувањето по тренинг е нешто поразлично. Напорот од тренингот ги поттикнува телесните процеси на опоравување, го забрзува метаболизмот и ги нормализира хормоналните нивоа, па така освен тоа што ќе спиете поцврсто, после вежбањето ќе се будите посреќни и со повеќе енергија.  

6. Ќе се чувствувате будни во текот на целиот ден

Депресијата е ментален „цицач“ на енергија и чувството на физичка немоќ ви ја убива желбата за живот. Вежбањето поттикнува лачење на ендорфини, хормоните кои поттикнуваат убави чувства и се природен начин на телото да се излечи од последиците на болка и стрес. Ако можете да го организирате вашиот тренинг на почетокот од денот, ќе се чувствувате среќни и доволно силни да ги издржите сите обврски и стресни ситуации до вечерта.  

7. Ќе ви се врати желбата за социјализација

Кога патите од депресија сеедно е дали сте сами или во друштво. Иако најверојатно ќе настојувате да бидете сами што е можно повеќе, дури и да се натерате да излезете со пријателите ќе бидете затворени во себе и исклучени од дружењето. Вежбањето е одличен начин да си посветите време на себе, а сепак да бидете опкружени со луѓе. Најдоброто од сѐ е што со тие луѓе делите исти интереси и цели во моментот, така што полесно ќе добиете желба да се социјализирате со нив.  

фитнес против депресија - социјализација

8. Ќе ви се врати сјајот на лицето

Стресот е еден од најголемите непријатели на вашата кожа, а нарушениот изглед предизвикува уште повеќе грижи и чувство на незадоволство. Вежбањето ќе ви го врати сјајот на два начини. Прво преку потењето кое е неизоставен дел од тренингот, а ги исфрла токсините и нечистотиите од порите. Второ, индиректно, преку чистата исхрана која е дел од секој фитнес план.

9. Ќе ви се врати самодовербата

Недостатокот на самодоверба е честа последица од чувството на депресија. Почнувате да се чувствувате помалку вредни, тоа ве тера да се затворите во себе, и како резултат на тоа не добивате признанија и позитивни коментари од околината. Но, сите погоре наведени придобивки од фитнесот резултираат со поголема самодоверба. Успешното поставување и остварување на целите, продуктивноста, квалитетниот сон, зголемената енергија и подобрениот изглед ќе го вратат позитивното мислење кое го имате прво вие за себе, а потоа и сите околу вас. Со враќањето на самодовербата ќе станувате сѐ поуспешни во сите аспекти од животот и вашата психичка состојба константно ќе се подобрува. Ќе излезете од депресијата уште подобри од она што сте биле претходно!

фитнес против депресија - самодоверба

Проблемот со чувството на депресија е во тоа што е многу тешко да се одлучите да превземете нешто во врска со неа и да направите промени, па така посветеноста кон фитнесот може да ви звучи како преголем напор и уште една задача во која можете да се разочарате себеси. Најдобар начин да се осигурате дека ќе имате поттик и мотивација да почнете и да стекнете навика да вежбате редовно е да почнете да вежбате со пријател или со персонален тренер. Некој кој ќе ве тера да излезете од удобноста на вашиот свет и ќе ви дава сила секој пат кога ќе помислите да се откажете.  

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *