Фит предизвик: Враќање во форма после долга пауза

Можеби ви се чини дека враќање во форма, т.е. враќање во теретана после подолга пауза е потешко од првото влегување таму, но не е така. Ако сте вежбале редовно, со враќањето на правилна исхрана и вежби за кратко време ќе се вратите повторно во форма, благодарение на фактот што мускулите памтат. На вашето тело ќе му треба само малку време да се потсети на движењата и општо на начинот на кој што вашиот организам функционирал порано.

Како да си го олесните проектот враќање во форма?     

Како и кај секој друг проект, почетокот е најтешкиот дел, а тој се случува во вашата глава. Прво простете си за долгата пауза и оставете го тоа зад себе. Фокусирајте се на она што доаѓа. Ќе треба да помине малку време додека да ги видите резултатите, а за тоа време ќе треба да останете мотивирани и упорни. Прифатете го ова и запамтете го, бидејќи само така ќе си го олесните патот до целта.

враќање во форма

1. Поставете си реални цели

Колку и да е силна вашата волја, ако не гледате резултати вашата мотивација ќе спласнува со текот на времето. А резултатите најдобро ќе ги видите доколку си поставите краткорочни и долгорочни цели. Тука е особено важно целите да бидат реални. Колку и да ви одело добро пред паузата, бидете свесни дека сега сте неколку чекори поназад. Затоа, направете неколку тренинзи за да ја проверите вашата форма пред да ги зацртате новите цели. Ако си поставите премногу високи цели само ќе се фрустрирате и за кратко време повторно ќе се откажете од здравите навики. Или, што е уште полошо, ќе се повредите.

Дури и откако ќе ги зацртате целите, бидете флексибилни. Не се казнувајте за еден пропуштен тренинг или еден погрешен оброк кој е надвор од вашиот план за исхрана. Напротив, наградувајте се за секој успех, за секоја постигната цел. Така ќе останете мотивирани да продолжите понатаму со уште поголема волја. Само внимавајте наградите да бидат здрави – не е баш паметно да се наградите со најкалоричната торта ако вашата цел била намалување на вишокот килограми.

2. Држете се до балансирана тренинг програма и план за исхрана

Враќање во форма всушност значи враќање на телото во совршен баланс кој ќе му овозможи функционирање во неговиот полн потенцијал. Ова ќе го постигнете со воведување на баланс во вашиот тренинг и исхрана, а тие се меѓусебно поврзани. Ако отстапувате во еден од овие аспекти, ќе почнете да правите отстапки и во другиот. Следете го вашиот прогрес со водење на мал дневник на вежби, серии, повторувања и оброци. Така ќе можете да забележите кои комбинации функционираат најдобро за вас.

Кога се вежбите во прашање, важно е да му обезбедите на телото тренинг на целиот мускулен систем. Не се фокусирајте само на еден дел од телото, со само еден тип на вежби. Без разлика колку често вежбате, трудете се во текот на една недела да обезбедите тренинг на сите групи на мускули. На тој начин ќе изградите балансиран физички изглед и ќе го намалите ризикот од повреди.

Во однос на исхраната, најлесно е да се придржувате до планот доколку ги подготвувате оброците однапред. Така нема да правите отстапки заради недостаток на време во моментите кога ќе бидете гладни и нема да имате голем избор на храна. Суплементите исто така можат да ви помогнат многу, бидејќи со еден протеински шејк кој ќе го подготвите за 2 минути можете да ги внесете сите потребни нутриенти кои ќе ве држат сити и ќе ви дадат енергија за тренингот.

враќање во форма - балансирана исхрана

3. Вклучете го одморот во вашата програма

Ако сте уморни ќе ви биде тешко да одите редовно на вежбање и нема да можете да напредувате во вашата тренинг програма, а со тоа вашата мотивација ќе опаѓа. Но, кога е недостатокот на одмор во прашање, мотивацијата е најверојатно најмалиот проблем со кој ќе се соочите. Уморот предизвикува зголемено чувство на глад што ќе ве тера да внесувате повеќе калории во текот на денот. Но, најлошото сценарио во тренирањето во комбинација со недоволен одмор е повреда која што ќе предизвика уште една голема пауза од тренирање после која што ќе ви биде уште потешко да се вратите во форма.

Одморот треба да биде дел од вашата тренинг програма во вид на квалитетен сон во текот на ноќта, кратки одмори во текот на денот, како и денови во кои целосно ќе се одморите од физичка активност. Запомнете дека мускулниот раст се случува кога вашето тело се опоравува од вежбањето, не за време на тренингот.

4. Обезбедете си поддршка на патот кон вашата цел

Понекогаш и најмалиот гест на поддршка може да направи огромна промена и да ви помогне да продолжите со вашиот план. Тоа е една од причините зошто оние кои што вежбаат со фитнес тренер имаат подобри резултати. Освен стручното водство низ вежбите, тренерот знае кога и на кој начин да ви ја даде поддршката што ви е потребна.

Доколку не вежбате со тренер, вежбајте со пријател, по можност некој кој што е на приближно исто ниво со вас и кој што може да вежба во исто време со вас. Самиот факт што некој ве чека за на тренинг ќе ви помогне да не ги одлагате и прескокнувате термините за вежбање. А во моментите кога сакате да се откажете и да ја скратите серијата, вашиот пријател ќе биде тука да ве потсети дека можете да издржите до крај. Ако сепак вежбате сами од некоја причина, можете да ги искористите социјалните медиуми за поддршка. Споделувајте ги вашите мали и големи победи со пријателите кои што ќе се радуваат со вас и ќе ви помогнат да останете мотивирани.

враќање во форма - обезбедете си поддршка

5. Запомнете дека секогаш можете да научите повеќе

Без разлика дали сте поминале 10 дена или 10 години во теретана, секогаш можете да научите нешто ново. Не се срамете да прашате некој поискусен од вас за нова вежба, програма или начин на исхрана. И најголемите професионалци читаат книги, истражувања и туѓи искуства за да напредуваат. Не постојат глупави прашања. Истражувајте и прашувајте за сè што ве интересира и ќе видите дека вашиот прогрес ќе се подобрува.

6. Направете ова да биде интересно доживување

Не дозволувајте тренинзите да ви станат здодевни – правете промени во вашата тренинг програма од време на време, експериментирајте со нови здрави оброци, поставувајте си нови предизвици, заменете ги кардио вежбите на трака со возење на велосипед во природа или што и да ви претставува задоволство, а ќе ви дозволи да излезете од рутината.

Купете нова опрема за вежбање. Не треба да сте преокупирани со мода за да се чувствувате добро во нови алишта, со нова торбица или шише за вода. Со што и да ја освежите вашата опрема ќе ви даде дополнителен мотив да одите на вежбање.

враќање во форма - направете да биде интересно

Не одлагајте повеќе, денес е одличен ден за враќање во форма!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *