Дали ви треба фитнес план за да имате резултати?

Што значи да имате ваш личен фитнес план? Дали е тоа само хир на фитнес фанатиците и богатите? Зошто би ви бил потребен план кога со мали рестрикции во исхраната и поголема физичка активност ќе направите промени во изгледот и здравјето? Зошто би се оптеретувале со планови кога можете да прочитате неколку интернет статии и да се придржувате кон советите? Накратко – затоа што нема да бидете задоволни од резултатите.

Дали си имате поставено некаква цел во фитнесот? Како и за сите други цели и за оваа ќе ви биде потребен план, без разлика дали сте поминале веќе неколку години во теретана или од скоро сте почнале да го менувате начинот на живот. Ако сакате да видите резултати од потрошеното време и енергија, ќе треба да се придржувате кон некаков фитнес план за да знаете што правите.

Зошто „магичните“ совети од познатите не функционираат?

Сите ние се разликуваме, и тоа во многу аспекти. Имаме различна телесна градба, различни навики, генетски предиспозиции, различна возраст, различна физичка подготвеност… Затоа најголемата грешка што можете да ја направите е да се водите по нечиј туѓ фитнес план. Она што функционира одлично за еден, ќе има многу мал ефект за друг. Всушност, дури и ако имате план подготвен само за вас и се придржувате кон него предолго време, тој во еден момент ќе престане да функционира, што најчесто се случува со тренинг програмата.

фитнес план - тренинг програма

 

Дури и да не стигнете до фазата на стагнација со текот на времето вашите фитнес цели ќе се менуваат. Ќе се ослободите од вишокот масти, па ќе посакате подефинирани мускули. Ќе ги дефинирате мускулите, па ќе сфатите дека би било добро да ја зголемите нивната маса. За тоа ќе биде потребно да внесувате повеќе нутриенти со кои ќе се протнат и несакани калории, па ќе ви треба формула за топење масти и задржување на мускулната маса… За сите овие фази ќе ви биде потребен различен фитнес план.

Што опфаќа еден фитнес план?

Добрите резултати во фитнесот зависат од неколку фактори – од тренинг програмата, исхраната и опоравувањето, а добриот фитнес план треба да ги покрие сите овие аспекти, врз база на вашите навики, цели и предиспозиции. 

Тренинг програмата треба да опфаќа број на тренинзи во текот на една недела, конкретни вежби, распоред по кој ќе ги изведувате, број на серии и повторувања, темпо на прогрес, време на одмор помеѓу вежби и серии и сооднос помеѓу кардио и тежински тренинзи. На овој начин ќе избегнете преоптеретување на телото и на одредени мускулни групи, како и ризик од повреда. Не заборавајте да ги мерите и забележувате промените во однос на телесна тежина, обем, сила и издржливост. Само на тој начин ќе знаете дали програмата што ја практикувате ве носи кон целта што сте ја зацртале.

Режимот на исхрана треба да се базира на вашите обврски, навики и можности од аспект на време и финансиски средства. Тој треба да опфаќа генерални правила на пожелна и непожелна храна, но и конкретен план на оброци со внимателно избрана нутритивна вредност. Во режимот на исхрана влегува и планот за додатоци во исхраната – витамини, минерали, протеини, аминокиселини, и начин на нивно консумирање.

фитнес план - режим на исхрана

 

Интересно:  Топ 10 нутриенти кои треба да ги внесувате секој ден

Процесот на опоравување е еднакво важен аспект како и тренингот и исхраната, но за жал тој често добива многу мало внимание. Но, треба да запомните дека вашата мускулна маса се гради кога одмарате. Вклучете во вашиот фитнес план денови за одмор од напорните тренинзи, но и внимавајте на времето за одмор секој ден. Недостатокот од квалитетен сон ќе ги намали резултатите од тренинзите и ќе направи да бидете поподложни на задржување на непотребните калории и масти. Затоа дајте му значајно место во вашиот фитнес план.

Можеби ви звучи премногу тешко и временски невозможно да се грижите секојдневно за сите овие аспекти, но со тек на време ќе преминат во навики за кои нема да ви биде потребно многу размислување. А ако ви треба помош во составувањето на вашиот план или персонален тренер кој ќе биде покрај вас низ целиот процес на фитнес трансформација, секогаш можете да ме контактирате.   

Share Button

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *