Фит исхрана: Што значи да се храните „чисто“?

Најверојатно до сега сте го сретнале изразот „чиста“ исхрана, кој се поврзува со фитнесот, а добива сè поголема популарност. И покрај неговата употреба, често пати луѓето го поистоветуваат со диета, што е сосема погрешно. Затоа денес ќе ги расчистиме сите забуни за оние кои сакаат да се посветат на чистата исхрана.

Што е „чиста“ исхрана?

Овој концепт е во суштина многу едноставен – наместо да се оптеретувате со тоа колку јадете количински, треба да се фокусирате на тоа што јадете. Чистата исхрана не е диета, не вклучува броење калории и не вклучува гладување. Тоа не е нешто што го правите неколку недели за да се ослободите од одреден број вишок килограми, по што се враќате на старите навики (и често на старата тежина). Чистата исхрана е начин на живот кој вклучува еден нов однос кон храната кој ќе ви донесе долгорочни резултати, особено ако доаѓа во комбинација со редовно вежбање. Ваквото внимание на исхраната ќе ви помогне да останете во здрава и фит форма, да ги задоволите сите потреби на метаболизмот, да се исчистите од токсини и да се чувствувате подобро.

чиста исхрана

 

Чистата исхрана значи да се храните здраво во поголемиот дел од времето, вклучувајќи свежо овошје, зеленчук, протеини, здрави масти и житарки од цело зрно, избегнувајќи преработена и рафинирана храна. Ова не значи дека никогаш не смеете да си дозволите парче од омилената торта или порција „нездрав“ оброк. Сè додека овие излети се контролирани и ретки, нема да имате проблем. За да се храните чисто не треба да се лишувате од храна, туку само треба да ги избирате поздравите алтернативи. По некое време ќе забележите дека „кризите“ за храната која што не е здрава за вас полека ќе исчезнуваат.

Како да се храните чисто?

Одлична вест за сите кои сакаат флексибилност – кај овој тип на исхрана не морате да се држите до стриктно одреден распоред на оброци. Можете да формирате личен план на исхрана кој одговара на вашите желби и потреби, што е исто така практично за оние кои имаат нетолеранција кон глутен или лактоза. За да се храните чисто вашите оброци треба да се базираат на:

Овошје и зеленчук

Овошјето и зеленчукот се одлични извори на витамини, микронутриенти и растителни влакна, што ги прави исклучително корисна храна за одржување на здравјето и топење на вишокот масти. Зеленчукот можете да го јадете во неограничени количини, додека со овошјето треба да бидете внимателни бидејќи содржи шеќери кои можат да бидат штетни за вас доколку претерате со нивно консумирање.

чиста исхрана - овошје и зеленчук

Квалитетно месо

Кога се храните чисто, многу е важно да внимавате на квалитетот на месото што го консумирате. Трудете се да внесувате чисто месо, од тревопасни животни. Доколку не сте големи љубители на месо, обидете се да внесувате протеини преку мешункасти плодови.

Здрави масти

Здравите масти можат да ви помогнат да се ослободите од оние „лошите“, вишок масти. Здравите извори на мононезаситени масти какви што содржат јаткастите плодови и лососот помагаат во подобрувањето на здравјето и намалувањето на вишокот килограми.

Вода

Многу е важно да го одржувате вашиот организам хидриран и тоа со чиста вода. Освен тоа што ќе го подобрите вашето здравје, со зголемениот внес на вода ќе го намалите чувството на глад. Пијте вода често во текот на денот, не чекајте да почувствувате жед.

Висококвалитетни суплементи   

Ако сакате да го зголемите внесот на протеини, витамини и минерали, потребно е да вклучите суплементи во вашата исхрана. Тие ќе ви помогнат да внесете чисти нутриенти без додатни масти и шеќери кои инаку би ги консумирале со редовната исхрана.

чиста исхрана - квалитетни суплементи

Храна што треба да ја избегнувате

Ако сакате да се посветите на чиста исхрана, освен тоа што треба да внимавате на тоа што јадете, треба да внимавате и на храната која што треба да ја избегнувате:

Преработена храна

Преработената храна е обично полна со калории, заситени масти, шеќери, како и токсини, конзерванси и хемикалии. Со консумирањето на ваква храна го спречувате вашиот фитнес прогрес и ризикувате да го нарушите вашето здравје. Најлесен начин да ја избегнете преработената храна е да ги подготвувате вашите оброци однапред и да не паѓате во искушение да се свртите кон брзи и помалку здрави алтернативи.

Рафинирана храна

Голем дел од храната која што ја конзумираме секојдневно е подложена на преработка и рафинирање, што ја уништува нивната нутритивна вредност и квалитет. Затоа, ако сакате да ги намалите телесните масти и да се храните чисто, треба да внимавате на тоа од каде доаѓа храната во вашата чинија. Избегнувајте рафинирано брашно, шеќер, вештачки засладувачи и која било храна која што поминала низ процес на рафинирање. Наместо тоа, вклучете повеќе храна од цело зрно, интегрален ориз, интегрално брашно и слично.

Засладени пијалоци

Сакајќи да внесеме повеќе витамини во текот на денот, често паѓаме во замката да посегнеме по овошни сокови кои се всушност полни со шеќери, засладувачи и адитиви. Избегнете ги овие искушенија ако сакате да се храните чисто и да се одржувате во фит форма, и заменете ги со свежи пијалоци кои ќе ги поготвите сами.

чиста исхрана - smoothies

Алкохол

Не само што алкохолот не е здраво да го консумираме во големи количини, но понекогаш забораваме дека алкохолот е всушност токсин. Покрај тоа, алкохолните пијалоци содржат многу шеќери и калории. Но, ако алкохолот е голем дел од вашиот социјален живот, обидете се да го консумирате во умерени количини.

Што треба да запамтите за чистата исхрана?

Имајќи во предвид дека чистата исхрана е начин на живот, а не диета со ограничен рок, треба да се трудите да се придржувате кон овие правила 90% од времето. Оставете простор за флексибилност во вашиот план на исхрана за да имате волја да се придржувате кон него подолго време. Не размислувајте за тоа што сè треба да исклучите од исхраната за да се храните чисто, туку како можете да најдете алтернативи кои нема да му наштетат на вашето здравје. Секогаш читајте ги внимателно етикетите на храната која што ја купувате, бидејќи многу често производите на кои пишува дека се нискокалорични, всушност содржат голема количина на шеќери. Консумирајте многу свежа храна и продукти кои се богати со нутриенти.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *