Ќе бидам ко Лазар Ангелов до лето (ако сакам)!

Аха. Исто ко на филм. Или ако го најдеш најдобриот photoshop гуру, би можел да те направи како него, ама пак треба да имаш каква таква основа….

За повеќето фитнес ентузијасти, погрешно поставената цел е главната причина поради која многумина почетници после одреден временски период се откажуваат. Популарната изрека “Summer bodies are made in the winter” некогаш може да биде грешно протолкувана. Тоа значи  дека периодот кога сте во калориски суфицит (кој најчесто се погодува во зима кога сме повеќе облечени, коинциденција или не ? ) и имаме “слој” кој не грее треба да се фокусирате максимално да качите мускулна маса; за кога ќе одлучите да ги намалите мастите и да го добиете дефинираниот, естетски убав изглед, да ја задржите мускулната маса која што сте ја стекнале во периодот на калориски суфицит и да го добиете обликуваното тело што го посакувате.

Е сега. Однапред да расчистиме нешто. Што е она што го дава обликот на телото ?

  1. Коските ?
  2. Салото ?
  3. Мускулите ?
  4. 3те наведени погоре

Структуралниот, генетски преодреден облик на телото е генерално поставен од скелетот, односно коските. Широк или тесен рамен појас и широк или тесни колкови, должина на екстремитети (раце, нозе) не може да се промени. Она што може да се промени е нивниот визуелен изглед. Односно, обликот на другите делови од телото, кои визуелно ќе направат претходните да изгледаат добро.

Она што ние можеме да го промениме, а не е генетски предодредено (како што е во случајот со коските) е соодносот на мускулна маса и масно ткиво. Обликот на телото е диктиран како резултат на овој сооднос.
Прво, да се фокусираме на потешкиот и побавен процес, а тоа е процесот на градење мускулна маса, оној дел од целата приказна околу обликување на телото кој одзима највеќе време, труд, мозок и пари. Градењето на мускулна маса е долг процес. Зашто ? Затоа што барате од телото присилно да изгради ткиво кое моментално не постои. Зашто присилно ? Затоа што го “измачувате” со додатен отпор преку тежински тренинг стимулирајќи процес на мускулен раст, конзумирате потребни макронутриенти кои служат за енергија за да се овозможи тоа “измачување” (јагленохидрати и масти), макронутриент кој служи за опоравок и раст на оштетеното ткиво од “измачувањето” (протеините) и макронутриент кој покрај другото е одговорен за создавање на хормони кои се неопходни за мускулен раст (мастите). Човечкото тело еволутивно не е создадено да биде со 7% телесни масти и голема мускулна маса, односно како фитнес моделите на насловните страни од списанијата. Од друга страна пак, не е ниту создадено да биде пасивно поголем период од животот (она што многумина го прават).

Лазар Ангелов тип на тело (иако во споредба со професионални бодибилдери е значително полесно) не е ВООПШТО лесно да се достигне, иако така изгледа. Изгледа дека треба “само малце” гради, “само малце” раце затегнати и “само малце” пазење на храна и кардио. Само малце…..ако под “малце” се подразбира 8-9 години и повеќе констатно тренирање интензивно и хранење правилно, тогаш да “само малце” е потребно. Она што нашето око го регистрира е готовиот производ, а никој не прашува што се е потребно да се стигне до тој производ. Се треба, освен “малце”. Позади секое убаво обликувано, дефинирано мускулесто тело стојат години и години стаж. Стојат многу стекови изедени и многу тони железо помрднати.
Така што, ако целта ви е убаво обликувано тело, примарниот фокус и цел треба да е качување на мускулна маса.

 

“Полесниот” и временски побрзиот процес е процесот на намалување на мастите, односно дефинирање на мускулите. Или популарно наречено – полирање на мускулите. Во споредба со процесот на качување на мускулна маса, кој е константен и долготраен процес. процесот на намалување на мастите и добивање на дефиниран, видлив six pack е значително пократок временски. Сум бил сведок (а и јас тоа го доживеав) на неверојатни трансформации кои траеле од 10 до 16 недели (зависно од почетната точка, односно процентот на масно ткиво кога се почнало со процесот на намалување на масти). Комплетна промена на телото! Иако воопшто тоа не е лесно, да не се лажеме и да не звучи ветувачки, долготрајно гледано е полесно во однос на процесот качувањето на мускулна маса.

Поставете си реална цел. Да си поставите цел во зима дека до вашето појавување на плажа ќе имате тело како (вметни име на твојот фитнес идол) е едноставно нереално и демотивирачки долготрајно. Знам, затоа што како многумина и јас сум бил таму. Кога почнав да вежбам си реков -“Е сега ќе се напраам до лето топ!”. Океј, дојде лето и…да, имав некој прогрес, ама бев многу далеку од тоа што го имав замислено. Среќа, неуспехот ме мотивира да се трудам повеќе наместо да ме демотивира, па сфатив дека требаше 6 лета по ред да речам “е сега ќе се напраам топ” за да стигнам до тој “топ” (иако повторно не сум задоволен комплетно како изгледам и сеуште целам да се подобрувам константно).
Затоа, мој другарски совет до сите почетници кој се надевам ќе им заштеди време и ќе останат мотивирани за константно да се трудат и вложуваат – Поставете си краткотрајни, реални цели. Гледајте да имате прогрес од месец во месец. Да, и Лазар Ангелов е достижен, но не е достижен до јуни. Бидете реални пред себе, и реални пред тоа колку НАВИСТИНА вложувате кон својата цел, само на тој начин може да имате долготрајност во овој “спорт” кој е едно патување без крајна дестинација. Кога еднаш сериозно ќе се фатите на орото, нема да сакате да се пуштите…Peace

 

 

Share Button